Повеќе од 100 возила учествуваа во масовен верижен судир што се случи на замрзнат автопат во американската сојузна држава Мичиген, откако екстремните зимски услови предизвикаа целосен хаос во сообраќајот.
Несреќата се случила на автопатот 196, поради што полицијата беше принудена целосно да ги затвори двата правци на движење. Надлежните служби со часови работеле на расчистување на теренот и отстранување на оштетените возила, со цел повторно воспоставување на сообраќајот.
Меѓу возилата вклучени во судирот имало и повеќе од 30 камиони, што дополнително ја усложнило ситуацијата и го зголемило обемот на несреќата. И покрај драматичните сцени, властите информираат дека нема загинати лица, додека неколкумина се здобиле со повреди и им била укажана медицинска помош.
Возачите кои се нашле на местото на несреќата сведочат дека во моментот паѓал густ снег, а видливоста била сериозно намалена. Сообраќајот се движел многу бавно, но лизгавиот коловоз и мразот довеле до низа судири кои брзо прераснале во огромен верижен карамбол.
„Беше навистина страшно. Се слушаа силни тресоци и судири зад мене. Го гледав она што се случуваше пред мене, но не можев да видам што се случува позади поради снегот и слабата видливост“, изјави еден од возачите кои биле сведоци на настанот.
Во меѓувреме, Националната метеоролошка служба на Соединетите Американски Држави издаде предупредување за екстремно ниски температури и можни силни зимски бури во повеќе сојузни држави, меѓу кои Минесота, Висконсин, Индијана, Охајо, Пенсилванија и Њујорк. Властите апелираат на внимателно возење и избегнување на патувања додека траат опасните временски услови.
















