ПРВ.мк
Свет

(ВИДЕО) СТРАВ И ПАНИКА ПО РАЗОРНАТА ЕРУПЦИЈА: Евакуирани над 1.700 луѓе!

(ВИДЕО) СТРАВ И ПАНИКА ПО РАЗОРНАТА ЕРУПЦИЈА: Евакуирани над 1.700 луѓе!

Најмалку 1.700 лица се евакуирани откако вулканот Фуего во Гватемала повторно силно еруптираше, принудувајќи ги властите да прогласат највисок степен на тревога во областите погодени од вулканската пепел.

Фуего, кој се смета за најактивниот вулкан во Централна Америка, се наоѓа во близина на главниот град Гватемала Сити. Ерупцијата започнала во понеделникот, но во текот на ноќта неговата активност нагло се засилила. По падините почнале да се движат потоци од лава, додека во атмосферата се издигнале огромни облаци од пепел и вулкански гасови.

Според директорот на Институтот за вулканологија (Insivumeh), Едвин Рохас, Фуего моментално се наоѓа во една од своите најопасни експлозивни фази. Од кратерот постојано се исфрлаат лава, врели карпи, кал, густ чад, гасови и големи количества пепел, што претставува сериозна закана за околните населени места.

Националната агенција за управување со катастрофи (CONRED) започнала со евакуација на селата во близина на вулканот уште во понеделникот вечерта. Веќе следниот ден бил прогласен црвен аларм во регионите Сакатепекез, Чималтенанго и Ескуинтла, каде што живеат околу 1,6 милиони жители.

Според официјалните информации, околу 29.000 луѓе се директно изложени на вулканската пепел. Властите ги повикаа жителите да користат заштитни маски, да ги покријат резервите со вода и храна и да ги следат сите препораки од надлежните служби.

Поради влошената состојба, Министерството за образование ја прекина наставата со физичко присуство во три града што се наоѓаат во близина на вулканот, со цел да се намали ризикот за учениците и наставниот кадар.

Експертите соопштија дека над кратерот се формирала огнена фонтана од лава висока до 300 метри, додека столбот од пепел се издигнал на повеќе од 7.000 метри височина. Вулканската пепел, носена од ветерот, се проширила на растојание до 130 километри западно од вулканот.

Гватемала се наоѓа во рамките на Пацифичкиот „Огнен прстен“, еден од најактивните сеизмички и вулкански региони во светот. Вулканот Фуего и претходно предизвика катастрофални последици – во неговата разорна ерупција во 2018 година животот го загубија 215 лица, додека околу 200 луѓе беа прогласени за исчезнати. Властите и овојпат внимателно ја следат состојбата, стравувајќи од натамошно засилување на вулканската активност.

ВИДЕО

Најнови вести