ПРВ.мк
Свет

(ВИДЕО) СНИМКИТЕ ГО ПРЕПЛАВИЈА ИНТЕРНЕТОТ: Дали Трамп навистина заспа на погреб?

(ВИДЕО) СНИМКИТЕ ГО ПРЕПЛАВИЈА ИНТЕРНЕТОТ: Дали Трамп навистина заспа на погреб?

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно се најде во центарот на вниманието, откако снимки од погребната церемонија на републиканскиот сенатор Линдзи Греам предизвикаа лавина реакции на социјалните мрежи. Дел од корисниците тврдат дека Трамп заспал за време на службата, додека од Белата куќа категорично ги отфрлаат таквите обвинувања.

Видеата снимени во Националната катедрала во Вашингтон го прикажуваат 80-годишниот претседател како седи во првиот ред, во неколку наврати ја наведнува главата и ги држи очите затворени подолг период. Од самите снимки не може со сигурност да се утврди дали навистина спиел, но тоа беше доволно за да започнат бројни коментари и дебати на интернет.

На социјалната мрежа X се појавија илјадници реакции. Некои корисници потсетија дека Трамп со години го нарекуваше својот претходник Џо Бајден „Поспан Џо“ и го критикуваше поради наводна поспаност за време на јавни настапи.

„Да беше Бајден во ваква ситуација, ова ќе беше тема со години“, напишаа дел од коментаторите, додека други застанаа во одбрана на Трамп, оценувајќи дека не е невообичаено некој да ги затвори очите за време на долга црковна церемонија.

Од Белата куќа веднаш реагираа и ги отфрлија шпекулациите. Портпаролот Дејвис Ингл изјави дека претседателот не спиел, туку бил длабоко замислен поради смртта на својот долгогодишен пријател Линдзи Греам, на кого непосредно претходно му оддал почит со говор.

Во изјава за „Индипендент“, Ингл порача дека Трамп размислувал за загубата на близок пријател и дека тврдењата оти заспал не одговараат на вистината.

Ова не е првпат претседателот да се соочи со вакви коментари. Во изминатиот период се појавија повеќе видеа на кои, според критичарите, изгледало како да се бори да остане буден за време на официјални настани. Медицинскиот аналитичар на Си-Ен-Ен, Џонатан Рајнер, претходно изјави дека Трамп покажува знаци на изразена дневна поспаност, но нагласи дека никогаш лично не го прегледал и дека неговите забелешки се базираат исклучиво на јавно достапни снимки.

Од Белата куќа и претходно ги отфрлаа ваквите проценки, нагласувајќи дека Трамп е во добра физичка и ментална состојба и целосно способен да ги извршува претседателските должности.

За време на погребната церемонија, Трамп одржа емотивен говор во чест на Линдзи Греам, нарекувајќи го близок пријател, истакнат државник и еден од највлијателните членови на американскиот Сенат. Во говорот внесе и доза хумор, потсетувајќи на силната поддршка што Греам ја даваше на американските воени интервенции.

Линдзи Греам почина на 11 јули на 71-годишна возраст по руптура на аортата поврзана со кардиоваскуларно заболување. Тој беше еден од највлијателните републикански сенатори и силен поддржувач на американската воена помош за Украина и Израел.

На погребот присуствуваа голем број американски функционери, како и странски лидери, меѓу кои украинскиот претседател Володимир Зеленски и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

ВИДЕО

Најнови вести