Индиските власти суспендираа полицаец откако за време на студентски протест во сојузната држава Бихар испукал неколку истрели во воздух со автоматска пушка АК-47, обидувајќи се да ја растера толпата. Инцидентот, кој беше снимен и објавен на социјалните мрежи, предизвика бурни реакции низ земјата.
Според информациите што ги пренесе „Ројтерс“, полицијата е обвинета за прекумерна употреба на сила при справувањето со студентските протести, кои во последните недели ја потресуваат Индија. Демонстрантите тврдат дека полицајците користеле палки, солзавец и други средства за растерување на протестите.
На видеата што ги споделија студенти и очевидци, а чија автентичност ја потврди и полицијата, се гледа како полицаец во опрема за разбивање немири трча кон демонстрантите во градот Сиван, ја вперува пушката АК-47 кон нив и испукува најмалку три истрели во воздух.
Високиот полициски функционер Нилеш Кумар изјави дека во инцидентот никој не бил повреден. Тој објасни дека автоматската пушка му била доверена на полицаец кој работел во разузнавачка единица, каде вакво оружје се користи при акции против опасни криминалци.
„Полицаецот погрешно го употребил АК-47. За тоа нема оправдување. Стануваше збор за студентски протест и немаше потреба од таква интервенција. Поради тоа е суспендиран и против него ќе бидат преземени законски мерки“, изјавил Кумар.
Бранот протести започна по скандалот со националниот приемен испит за медицина, откако беше откриено дека прашањата протекле пред тестирањето. Повеќе од два милиони кандидати го полагаа испитот, а властите подоцна одлучија тој повторно да се организира.
Аналитичарите оценуваат дека незадоволството кај младите не се должи само на спорниот испит, туку и на високата невработеност, како и на стравувањата дека развојот на вештачката интелигенција дополнително ќе влијае врз работните места, особено во ИТ секторот.
Политичката криза дополнително се продлабочи кога министерот за образование во владата на премиерот Нарендра Моди поднесе оставка поради скандалот со испитите.
Лидерот на индиската опозиција, Маликарџун Карге, остро ја осуди полициската интервенција, оценувајќи дека студентите биле третирани како криминалци само затоа што протестирале. Тој порача дека одговорните за употребата на оружје против демонстрантите мора да сносат одговорност.
На случувањата реагираше и судијата на Врховниот суд на Индија, Уџал Бујан, кој предупреди дека просторот за мирно изразување на несогласување во земјата се намалува и нагласи дека правото на протест претставува едно од основните права на граѓаните.








