ПРВ.мк
Свет

(Видео) Пукање среде настава: Ученик застрелал соученик, па си го одзел животот

(Видео) Пукање среде настава: Ученик застрелал соученик, па си го одзел животот

Трагедија се случи во католичко училиште во градот Замбоанга, на југот на Филипините, каде вооружен ученик отворил оган, при што застрелал друг ученик, а потоа си го одзел животот.

На снимки кои се појавија на социјалните мрежи се гледаат ученици како лежат на подот и се обидуваат да најдат засолниште под училишните клупи. На друго видео се гледа како деца во паника ја напуштаат зградата, додека во позадина се слушаат истрели.

Според локалните власти, напаѓачот успеал да внесе пиштол калибар .45 во училиштето.

Градоначалникот на Замбоанга, Кимер Адан Оласо, изјавил дека првата мета на вооружениот ученик бил наставник кој се наоѓал во училница. Напаѓачот не успеал да го погоди, по што се упатил во друга училница.

Таму пукал во ученик, кој подоцна им подлегнал на повредите.

На интернет се појавила и снимка за која се тврди дека била емитувана во живо од самиот напаѓач. На видеото наводно се гледа оружјето додека лицето се движи низ училишните ходници, по што се слушаат истрели.

Според првичните информации, по нападот вооружениот ученик си го одзел животот.

Случајот предизвика големо вознемирување на Филипините, особено затоа што доаѓа само околу два месеца по друг смртоносен вооружен напад во училиште во земјата.

Во претходниот инцидент, во средно училиште во Таклобан, беа убиени тројца ученици, а уште 20 лица беа повредени.

Надлежните органи ги истражуваат сите околности околу најновиот напад, вклучително и како ученикот успеал да внесе огнено оружје во училишната зграда.

ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ВИДЕОТО ТУКА