Силни пукања и експлозии се слушнале во областа околу Меѓународниот аеродром „Диори Хамани“ во Нијамеј, главниот град на Нигер, во раните утрински часови, според сведочењата на очевидци, јавува агенцијата Синхуа.
Жителите во близина на аеродромот велат дека пукањата и експлозиите започнале кратко „по полноќ“ и траеле околу два часа.
На социјалните мрежи, повеќе корисници објавиле видеа и пораки во кои се гледаат блесоци на небото околу аеродромот, проследени со непрекината пукавица.
Сите воени кампуси во Нијамеј се ставени во состојба на приправност, објави агенцијата.
Властите во Нигер и раководството на аеродромот сè уште не издале официјално соопштение за инцидентот, а засега нема потврда за повредени или загинати лица.
Меѓународниот аеродром „Диори Хамани“ се наоѓа околу 10 километри од претседателската палата на Нигер.
Складиште за ураниумска руда На аеродромот се наоѓа база на нигерското воздухопловство, новоизградена база за дронови и седиште на заедничките сили формирани од Нигер, Буркина Фасо и Мали.
Задачата на овие сили е борба против џихадистички групи, пренесува Синхуа.
Како еден од главните светски производители и извозници на ураниум, Нигер моментално има складирани големи количини ураниумска руда на меѓународниот аеродром „Диори Хамани“, која чека за извоз, наведува агенцијата.

















