ПРВ.мк
Свет

(Видео) Поплави во Љубојно по силното невреме: мештаните алармираат за сечата на шумите

(Видео) Поплави во Љубојно по силното невреме: мештаните алармираат за сечата на шумите

Силно невреме денес го зафати преспанското село Љубојно. Поплавени се делови од куќи, дворови и улици, а дополнително е оштетен и земјениот пат што води кон шумата.

Жителите раскажуваат дека дождот траел околу 40 минути – од нив половина час со интензивни врнежи и околу 20 минути со крупен град. Водата го раскопала патот, кој, според мештаните, веќе бил ослабен од камионите што секојдневно превезуваат дрва.

„Денес и природата си го кажа своето – шумата е нашиот најсилен штит. Таа го спаси Љубојно. Ако не се преиспитаат одлуките за сеча, утре може да биде доцна – за нас, за Преспа, за Македонија“, напишаа мештаните на социјалните мрежи.

Протести против сечата

Жителите веќе една недела протестираат за да ја запрат сечата кај манастирот над селото. Тие предупредуваат дека токму шумата е природна заштита од поплави и ерозии, и оти без неа ваквите невремиња би имале уште потешки последици.

Реакција од Владата

Од Владата, пак, објаснуваат дека станува збор за регуларна сеча на нискостеблен даб во одделите 29 и 30 на шумско-стопанската единица „Пелистер – Брајчино“.

„Дабот има сечна зрелост согласно научните принципи. Сечата е спроведена по закон, со премер од стручни лица, план рецензиран од комисија и одобрен од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Ова е една од стотиците планирани сечи низ државата“, соопштија од Владата.

Escape