Рускиот претседател Владимир Путин имаше телефонски разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, соопшти Кремљ. Главна тема на разговорот беше руско-американскиот самит во Алјаска од 15 август и можностите за решавање на украинскиот конфликт.
Путин се заблагодари на Ердоган за посредништвото во преговорите меѓу Москва и Киев во Истанбул. Двајцата лидери исто така разговараа за продолжување на билатералната соработка во трговијата и инвестициите и се договорија да ги одржуваат личните контакти.
Според соопштението на турското претседателство, Ердоган ја истакнал поддршката на Турција за напорите за воспоставување траен и праведен мир во Украина, со учество на сите страни, и дека внимателно ги следи случувањата во процесот уште од почетокот на конфликтот.