Индискиот политичар Фарук Абдулах (88) за малку избегна атентат на свадба во среда вечерта, објавија полицијата и неговото семејство.
На драматичното видео од надзорните камери се гледа како Абдулах се движи низ салата полна со гости, опкружен со телохранители, кога еден од мажите во групата извлекол огнено оружје и насочил кон грбот на политичарот. Телохранителите реагирале молскавично, а полицијата соопшти дека бил испукан еден куршум, но Абдулах не бил повреден.
Полицијата приведе 63-годишниот напаѓач, локален жител на Канала Синг Џамвал.
„Мојот татко за малку ја преживеа смртта. Деталите сè уште не се јасни, но е познато дека човек со наполнет пиштол успеа да се приближи многу блиску и да испука куршум. Само благодарение на телохранителите, атентатот не успеа“, напиша Омар Абдулах, син на политичарот и главен министер на Џаму и Кашмир, пренесе „Индипендент“.
Напаѓачот призна дека сакал да го убие Абдулах по лични причини:
„Сакав да го убијам Фарук Абдулах последните 20 години. Оружјето е мое, имам дозвола за носење оружје. Имаше среќа што преживеа“, рече Џамвал за време на полициското испитување.
Истражната постапка е во тек, а нема докази дека нападот е поврзан со тероризам.
Кој е Фарук Абдулах Фарук Абдулах бил главен министер на Џаму и Кашмир (слично на премиерска функција) од 1982 до 1984 година, кога го наследил својот татко, Шеик Абдулах, потоа од 1986 до 1990, и повторно од 1996 до 2002 година, по изборите одржани по години на вооружен бунт против Индија во регионот.
Во август 2019 година, кога централната влада на Нарендра Моди ја стави областa Џаму и Кашмир под директна федерална контрола и ја подели на два територијални ентитета, Абдулах беше еден од бројните локални политички лидери ставени во домашен притвор.
Нападот врз Фарук Абдулах беше осуден од партии низ целото политичко спектрум.


















