Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја потценила сериозноста на иранската реакција на нападите на САД и Израел, како и последиците што војната би можела да ги има врз глобалните енергетски пазари, пишува „Њујорк Тајмс“, повикувајќи се на разговори со 12 функционери од американската администрација и на интерни документи од Белата куќа. Според нив, дел од членовите на администрацијата приватно изразиле песимизам поради недостаток на јасна стратегија за завршување на војната, но внимаваа тоа да не го покажат директно пред претседателот, кој повеќепати јавно изјави дека операцијата е целосно успешна.
Во Вашингтон не се очекуваше конфликтот да предизвика сериозни нарушувања на светските енергетски пазари. Меѓутоа, веќе по десетина дена од војната станало јасно дека процените биле погрешни.
Бела куќа не предвидела релативно очигледни економски последици – драстичен пораст на цената на нафтата, пад на берзите и нарушување на синџирите на снабдување, што ги поттикнува инфлацијата и го гуши економскиот раст.
Десет дена пред Трамп да нареди напад на Иран, американскиот министер за енергетика Крис Рајт изјавил дека не е загрижен дека евентуална војна би можела да го наруши снабдувањето со нафта или да предизвика хаос на светските пазари.
Сепак, веќе по десетина дена од конфликтот, прометот низ Ормускиот теснец речиси запрел, а цените на нафтата нагло пораснале. Ормускиот теснец е една од најважните енергетски артерии во светот, преку која поминува околу петтина од светската нафта, како и голем дел од извозот на нафта и течен гас од арапските земји-сојузници на САД.
Иран се заканил дека ќе пука на секој танкер што ќе помине низ теснецот, што довело до драматичен пораст на трошоците за осигурување на бродовите и речиси целосно запрел прометот – процените покажуваат намалување до 95%.
Претседателот Доналд Трамп сепак изјавил во интервју за „Фокс њуз“ дека екипажите на танкерите треба да покажат храброст и да продолжат да пловат низ Ормускиот теснец.
Во меѓувреме, американските власти се обидуваат да најдат начин повторно да го воспостават транспортот на нафта низ теснецот.
Пентагонот изненаден од иранскиот одговор
Во првите седум дена од војната, американските сили погодиле повеќе од 3.000 цели во Иран. Теherан одговорил со ракетни и дронски напади врз американските воени бази на Блискиот Исток, Израел, како и врз градови во арапските земји-сојузници на Вашингтон.
Американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, признал дека обемот на иранскиот одговор донекаде го изненадил Пентагон.
„Не можам да кажам дека очекувавме да реагираат токму на овој начин, но знаевме дека е можно. Ова е демонстрација на очајот на режимот“, изјавил Хегсет на прес-конференција.
Конфузија околу заштитата на танкерите и растот на цената на нафтата
Советниците на Трамп го предупредувале претседателот дека нападот врз Иран може да доведе до раст на цените на нафтата, но тој ги минимизирал загриженостите како краткорочен проблем што не смее да го засени целта на операцијата.
Администрацијата потоа најавила државно финансирање на воено осигурување за танкерите кои ќе поминат низ Ормускиот теснец.
Растот на цената на енергентите предизвикува се поголема загриженост меѓу републиканците во Вашингтон, бидејќи поскапувањето на горивото често влијае на падот на популарноста на претседателот и на владејачката партија.
Пред клучните избори на половина од претседателскиот мандат во ноември, Трамп се обидува да го стабилизира енергетскиот пазар.
Војна без јасна цел
Немајќи јасно дефинирани цели, актуелната операција против Иран се води без конкретен краен план. Многу аналитичари предупредуваат дека водење војна без јасно определена цел овозможува властите да прогласат победа во било кој момент.
Трамп тврди дека операцијата е успешна и дека „предстојат нови победи“, и покрај тоа што многумина аналитичари сметаат дека администрацијата сè уште се обидува да најде излез од конфликтот, кој се покажал многу покомплексен отколку што било првично очекувано.


















