Пет лица загинаа, а четворица се полесно повредени во пожар што избувна во петкатна станбена зграда во Манлеу, во близина на Барселона, објави El País.
Според првичните информации, се верува дека сите жртви биле млади лица, а можно е некои од нив да биле и малолетници.
Пожарот бил пријавен синоќа во 21:10 часот и избувнал во магацин на покривот на зграда на улицата Монтсени. Пожарникарските служби испратиле 13 екипи на местото на настанот, а огнот бил локализиран и изгаснат во 21:41 часот. Причината за избувнувањето засега не е позната.
Според извештаите, најмалку четири од жртвите се наоѓале во делот каде што започнал пожарот и не успеале да избегаат од засега неутврдени причини. Процесот на идентификација на телата треба да заврши денес, а дел од нив, според медиумите, биле изгорени до непрепознатливост.
Истрага за причините за пожарот започна единицата на Mossos d'Esquadra. Повредените лица се здобиле со полесни повреди и не биле хоспитализирани.
Претседателот на каталонската влада, Салвадор Иља, изрази сочувство до семејствата на жртвите и им посака брзо закрепнување на повредените. Градоначалникот на Манлеу, Арнау Ровира, прогласи тридневна жалост.
Според податоците на Цивилната заштита, три семејства биле привремено сместени во хотел во Манлеу, додека останатите станари се вратиле во своите домови.














