Вистинска драма се одвивала на аеродромот во Катманду, откако авион на Turkish Airlines бил принудно евакуиран веднаш по слетувањето поради појава на пожар во системот за слетување.
Станува збор за авион од типот Airbus A330-343 кој пристигнал од Истанбул, а инцидентот се случил додека леталото се движело по пистата по успешно слетување.
Во авионот имало 277 патници и 11 членови на екипажот, кои биле итно евакуирани преку излезите за итни случаи. Според информациите од Управата за цивилно воздухопловство на Непал, за среќа нема повредени лица.
Портпаролот на институцијата, Гјанендра Бул, потврдил дека евакуацијата била извршена веднаш откако бил забележан пожар во делот на системот за слетување на авионот.
Од Turkish Airlines соопштија дека екипите веднаш започнале технички проверки откако бил забележан чад при движењето на авионот по пистата.
Според првичните информации на авиокомпанијата, можно е чадот да бил предизвикан од дефект на хидраулична цевка во системот на леталото.
Инцидентот предизвика големо внимание на аеродромот, а снимките од евакуацијата брзо се проширија на социјалните мрежи.







