Вистинска паника завладеала на плажа во северниот дел на Израел, откако ракети испукани од Хезболах паднале во морето во непосредна близина на брегот кај Нахарија. Посетителите во страв ги напуштале лежалките и трчале кон засолништа додека во околината одекнувале експлозии.
Снимките што ги објави израелското воено радио брзо се прошириле на социјалните мрежи и прикажуваат вознемирувачки сцени од плажата, каде луѓето во паника се обидуваат што побрзо да се засолнат додека проектилите паѓаат во водата.
Според израелската армија, ова е прв ракетен напад врз Нахарија по речиси еден месец прекин. Дел од ракетите биле пресретнати од системите за противвоздушна одбрана, додека останатите паднале во ненаселени области.
Во текот на викендот, Хезболах испукал десетици ракети и беспилотни летала кон северен Израел, при што повеќе населени места биле ставени во состојба на готовност, а жителите биле принудени да бараат засолништа.
Меѓу погодените подрачја бил и градот Кармиел, а според израелските медиуми, станува збор за еден од нападите со најголем дострел откако пред околу еден месец стапил во сила прекинот на огнот.
Израелската армија соопшти дека се подготвува за можност од дополнително интензивирање на нападите од Либан, додека граѓаните се повикани внимателно да ги следат безбедносните препораки и предупредувањата за воздушна опасност.







