Голем шумски пожар со исклучително големи размери беснее во близина на Париз, принудувајќи ги француските власти да ангажираат противпожарни авиони, хеликоптери и стотици пожарникари во обид да ја стават огнената стихија под контрола.
Пожарот избувнал доцна попладнето во познатата шума Фонтенбло, која некогаш била кралско ловиште, а денес е една од најпосетените природни области во Франција, опкружена со повеќе населени места.
Според последните информации, огнената стихија зафатила околу 800 хектари шумска површина и продолжила брзо да се шири, поттикната од високите температури и топлотниот бран што ја зафати Франција.
Поради сериозноста на ситуацијата, делумно бил затворен автопатот А6 – една од најважните сообраќајни артерии што ги поврзува северниот и јужниот дел на земјата. Пожарот предизвикал големи проблеми и во железничкиот сообраќај, при што брзите возови што сообраќаат од и кон железничката станица „Гар де Лион“ во Париз доцнеле и до шест часа.
Во текот на ноќта, противпожарните авиони морале да ги прекинат летовите поради намалената видливост, а борбата со пламенот продолжила од земја.
Од безбедносни причини биле евакуирани околу 15 куќи во селото Воду, додека пожарникарите вложувале максимални напори да спречат огнот да се прошири кон другите населени места во околината.
Со операцијата раководел Оливие Компта, кој изјавил дека без воздушната поддршка досега ќе морале да бидат евакуирани уште неколку села. Во гаснењето на пожарот биле ангажирани околу 400 пожарникари, како и два противпожарни хеликоптери и авион за набљудување на состојбата од воздух.
Од Националната федерација на француски пожарникари истакнаа дека ова е првпат противпожарни авиони, кои вообичаено се распоредени во јужниот дел на Франција, да бидат испратени за интервенција во регионот на Париз. Според нив, приоритет останува заштитата на човечките животи, домовите и спречувањето на понатамошното ширење на пожарот.
Пожарот е само еден од неколкуте големи инциденти што ја погодија Франција во последните денови. Претходно, друг шумски пожар предизвика затворање на автопат источно од Париз и прекин на брзата железничка линија кон југот на земјата.
Франција, како и голем дел од Европа, со месеци се соочува со екстремни топлотни бранови и рекордно високи температури. Според научниците од групата „Ворлд ведер атрибјушн“, ваквите екстремни горештини би биле речиси невозможни без влијанието на климатските промени.
Министерот за внатрешни работи Лоран Нунез соопшти дека шумските пожари од почетокот на годината веќе уништиле околу 17.000 хектари површина во Франција, а надлежните служби остануваат во состојба на готовност поради ризикот од нови пожари.







