Северниот мост во Киев утрово бил погоден во руски воздушен напад, при што се оштетени коловозот и контактната мрежа за тролејбусите, соопшти градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко. По ударот, сообраќајот преку мостот од левиот кон десниот брег бил прекинат.
Кличко непосредно по нападот објавил дека се погодени објекти на мостот и дека итните служби се упатуваат кон местото. Засега нема пријавени жртви или повредени во нападот врз Северниот мост.
Нападот доаѓа во период на зголемени удари врз клучната инфраструктура на украинската престолнина. Во претходните два дена мета на руски напади бил и Јужниот мост, поради што сообраќајот преку него е сериозно ограничен.
Киев останува со ограничени премини преку Днепар
Поради последните напади, властите во Киев воведоа дополнителни сообраќајни ограничувања на повеќе мостови преку Днепар. Според градските власти, Јужниот мост е целосно затворен за автомобилскиот сообраќај и метрото, додека на други премини важат привремени ограничувања.
Градскиот совет за одбрана на Киев вчера разговарал за функционирањето на транспортот преку мостовите и движењето на метрото во услови на континуирани воздушни напади.
Северниот мост е една од важните врски меѓу двата брега на Днепар, па неговото оштетување дополнително го усложнува движењето низ украинската престолнина.
Повеќе од една третина од населението на Киев живее на левиот брег на Днепар, додека голем дел од работните места и институциите се на десниот брег, што ги прави мостовите од клучно значење за секојдневното функционирање на градот.
Нападот врз Северниот мост е најнов во серијата удари врз транспортната инфраструктура на Киев, додека градските власти продолжуваат да ги приспособуваат сообраќајот и јавниот превоз на безбедносната ситуација.









