Млада 28-годишна жена починала од чума во рускиот регион Иркутск, во Сибир. По нејзината смрт, здравствените власти вовеле карантин во болницата во градот Шелехов и ставиле околу 197 лица кои можеле да бидат во контакт со неа под медицински надзор.
Жената била лаборантка во Институтот за борба против чума во Иркутск. Според медиумските информации, постои сомнение дека се заразила на работното место откако случајно скршила епрувета со живи бактерии, но ова засега не е официјално потврдено.
Таа била примена во болница со тешко воспаление на белите дробови. Медиумите објавија дека можеби станувало збор за белодробна чума, но властите не ја прецизирале формата на болеста.
Надлежните соопштиле дека лицата кои биле во контакт со починатата немаат симптоми, а досегашните тестови се негативни. Преземени се мерки за спречување на можно ширење на инфекцијата, а граѓаните се повикани да останат смирени.
Властите воедно соопштиле дека жената не престојувала во соседна Бурјатија и дека таму нема регистрирано жариште на чума.










