Масивна песочна бура предизвика тотален колапс вчера во американската сојузна држава Монтана. Облаци од прашина ги прекрија градовите, а забележани се и сообраќајни незгоди. Официјалните лица ги предупредија граѓаните да избегнуваат патувања, а со часови беше затворена долга делница од автопатот од градот Додсон до границата со Северна Дакота.
На драматичните снимки кои ги преплавија социјалните мрежи се гледа како облаци од прашина се надвиснуваат над патиштата во Монтана, додека видливоста е речиси нула, а ветерот продолжува да го подигнува сувото тло во воздухот.
Според податоците на Одделот за сообраќај на Монтана, забележан е и судир на повеќе возила во округот Вели, пренесе порталот „Non-stop lokal“.
„Неверојатно! Погледнете ја оваа огромна песочна бура која се подигна на североистокот на Монтана во средата попладне! Во делови од северните Карпести Планини и прериите забележани се удари на ветер од 113 до 145 километри на час, што придонесе за формирање на оваа џиновска песочна бура“, објави „Weather Nation“.
Надлежните не пријавија веднаш повреди поврзани со вчерашните затворања на патиштата, но властите предупредија дека слични настани во минатото доведувале до сериозни несреќи кога ненадејното намалување на видливоста ги затекнувало возачите неподготвени. Понекогаш, ваквите настани можат да бидат и фатални.
Се јавуваат ненадејно и ја намалуваат видливоста на нула
Песочната бура е сериозен временски настан во кој силни ветрови подигнуваат прашина и песок во воздухот, нагло намалувајќи ја видливостa и создавајќи опасни услови за патување.
Ваквите бури често се појавуваат ненадејно и изгледаат како висок ѕид од прашина, понекогаш долг со километри и висок стотици метри, наведува американската Национална метеоролошка служба (NWS). Видливоста може да падне на речиси нула во рок од неколку минути.
Песочните бури сè почести во делови од САД
Научниците велат дека овие појави стануваат сè почести и поинтензивни поради комбинација од три фактори:
- Долготрајни суши
- Пораст на температурите
- Начинот на користење на земјиштето
Климатските промени придонесуваат за посуво земјиште и екстремни ветрови, додека земјоделството и прекумерното пасење ја намалуваат вегетацијата која вообичаено го држи тлото на место.
Опасен квалитет на воздухот
Покрај опасните услови за сообраќај, ваквите екстремни бури можат брзо да го влошат квалитетот на воздухот. Северна Дакота, Јужна Дакота и Минесота вчера попладне имаа нездрав или повремено опасен квалитет на воздухот, според „Air Now“, официјалниот американски систем за информации за квалитетот на воздухот.







