Вистинска драма се одвивала во близина на американскиот град Сиетл, откако авион на компанијата „Кенмор Ер“ принудно слетал во морето, по што избувнал пожар. Иако сите 11 лица кои се наоѓале во леталото биле спасени, четири лица се здобиле со повреди, а едно од нив е во критична состојба.
Несреќата се случила во четвртокот вечерта во близина на островот Сјуша, додека авионот бил на лет кон Рош Харбор на островите Сан Хуан. Според информациите од компанијата и американската Крајбрежна стража, леталото било принудено да слета во заливот Шалоу Беј, по што било зафатено од пламен.
Фотографиите и видеоснимките од местото на несреќата прикажуваат делови од авионот расфрлани по карпите и во морето, додека од урнатините се издигал густ црн чад. Спасувачките екипи брзо реагирале и успеале безбедно да ги извлечат сите лица што се наоѓале во авионот.
Две од повредените лица биле пренесени во болници во Белингем, додека уште две биле транспортирани на островот Оркас за дополнителни лекарски прегледи. Според локалниот шериф, повредените се здобиле со повреди на главата, скршеници и расекотини, а едно лице се наоѓа во критична здравствена состојба.
Во моментот на несреќата, временските услови во регионот биле неповолни. Националната метеоролошка служба соопшти дека подрачјето било зафатено од грмежи, силни налети на ветер и намалена видливост, што можело дополнително да ги отежни условите за летање.
Податоците од сервисот FlightRadar24 покажуваат дека авионот полетал од Сиетл во 16:33 часот по локално време. Во близина на островот Волдрон леталото го променило правецот на движење, по што нагло почнало да губи висина и на крајот се урнало во близина на островот Сјуша.
Од компанијата „Кенмор Ер“ информираа дека веднаш биле активирани процедурите за вонредни ситуации и нагласија дека во оваа фаза е прерано да се извлекуваат заклучоци за причините за несреќата. Истрагата ќе треба да утврди што довело до принудното слетување и пожарот.
Извршниот директор на компанијата, Дејвид Гуџел, изјави дека најважно е што сите патници и пилотот биле пронајдени живи и дека во моментов приоритет е тие да ја добијат потребната медицинска помош и поддршка.
Авионот што учествувал во несреќата е модел de Havilland DHC-3 Otter, хидроавион со капацитет до 10 патници, кој важи за најголемиот авион од ваков тип во флотата на „Кенмор Ер“. Надлежните американски служби продолжуваат со истрагата за да ги утврдат точните околности под кои дошло до несреќата.






