Проектот за изградба на луксузно одморалиште вредно 1,5 милијарди долари на албанскиот остров Сазан повторно се најде во центарот на вниманието, откако изјавите на Иванка Трамп предизвикаа нови реакции и дополнително ги засилија протестите и критиките во Албанија.
Албанските власти веќе започнаа истрага поврзана со проектот кој се поврзува со брачниот пар Џаред Кушнер и Иванка Трамп, а последните коментари на ќерката на американскиот претседател повторно ја отворија дебатата околу иднината на ова чувствително подрачје.
Во гостување во подкастот на Дејвид Сена, Иванка Трамп емотивно зборувала за проектот и го нарекла островот Сазан „приватен остров“ кој таа и нејзиниот сопруг наводно го откриле случајно. Токму оваа формулација предизвика нови реакции, бидејќи дел од јавноста смета дека таквите изјави дополнително ги потврдуваат стравувањата дека просторот постепено би можел да стане недостапен за јавноста.
Ова не е првпат семејството да зборува за плановите за изградба на луксузен и приватен комплекс, но моментот во кој доаѓаат овие изјави е особено чувствителен, бидејќи обвинителството за борба против корупцијата веќе истражува аспекти од проектот на островот Сазан и заштитеното крајбрежје во близина на Валона.
Проектот предизвика бројни протести, критики од еколошките организации и реакции од локалното население, кое предупредува дека еден од последните недопрени крајбрежни екосистеми во земјата би можел да претрпи сериозни промени.
Во текот на вториот ден од протестите, илјадници граѓани излегоа на улиците барајќи стопирање на проектот и преиспитување на одлуките поврзани со изградбата во областа Валона, која важи за дел од заштитен екосистем со значајна биолошка разновидност.
Демонстрантите предупредуваат дека реализацијата на проектот може да влијае врз природните живеалишта, биодиверзитетот и миграциските рути на птиците, додека дел од јавноста стравува дека ќе следува постепена пренамена на заштитени подрачја.
Според извештаите на агенцијата „Си њуз“, протестите се интензивирале по судирите меѓу локални жители и приватно обезбедување ангажирано околу проектот, по што барањата за запирање на градежните активности станале уште погласни.
Од друга страна, инвеститорите тврдат дека проектот се реализира во рамки на законските процедури и дека сите потребни дозволи се обезбедени согласно прописите.
Албанскиот премиер Еди Рама и претходно јавно го поддржуваше развојот на луксузниот туризам како дел од стратегијата за привлекување странски инвестиции, додека критичарите обвинуваат дека измените на правилата за заштитени подрачја овозможиле реализација на вакви проекти.
Бројките за учесниците на протестите се разликуваат зависно од изворите, но независните проценки зборуваат за присуство од стотици до неколку илјади демонстранти.









