ПРВ.мк
Свет

ЧАСОВИ НЕИЗВЕСНОСТ: Пукал во полицаец, па се забарикадирал со трите деца!

ЧАСОВИ НЕИЗВЕСНОСТ: Пукал во полицаец, па се забарикадирал со трите деца!

Повеќечасовната заложничка драма во германскиот град Дортмунд заврши во раните утрински часови, откако 51-годишен маж, за кого германските медиуми пренесуваат дека најверојатно е државјанин на Србија, им се предал на полициските сили по долги часови напнатост.

Според информациите што ги објавуваат германските медиуми, инцидентот започнал во вторникот кога осомничениот наводно отворил оган кон полициски службеник, а потоа се забарикадирал во својот стан заедно со трите свои деца.

Полицијата соопштила дека околу 3:30 часот по полноќ мажот доброволно излегол од зградата, по што бил приведен без отпор. Со тоа завршила акцијата која со часови го држела под опсада дел од градот и ангажирала голем број полициски сили.

Трите деца кои во текот на драмата се наоѓале во станот не се здобиле со повреди, што било една од главните грижи на службите за време на интервенцијата.

Полицискиот службеник кој бил погоден за време на инцидентот поминал со полесни повреди, а според информациите, од сериозни последици го заштитил панцирот што го носел.

Случајот започнал откако сопругата на осомничениот побарала полициска помош. Кога службениците пристигнале во станбено-деловна зграда во населбата Хехстен во Дортмунд, мажот наводно започнал да пука кон нив, по што се повлекол во станот со децата.

На терен веднаш биле испратени специјални полициски единици кои со часови преговарале со осомничениот, обидувајќи се ситуацијата да заврши без дополнителни последици.

Од полицијата посочуваат дека во ниту еден момент немало директна опасност за случајните минувачи или околните жители.

Во меѓувреме, германскиот весник „Билд“ објави дека истиот маж претходно предизвикал инцидент во ресторан во Дортмунд, каде наводно им се заканувал на гостите и употребил бибер-спреј пред да побегне со автомобил.

Според истиот медиум, за време на полициската потера испукал куршум низ прозорецот од возилото и погодил полицаец. Сепак, овие информации засега не се официјално потврдени од германските власти, кои продолжуваат со истрагата и утврдувањето на сите околности поврзани со случајот.