Грчката полиција од раните утрински часови спроведе обемна операција во регионите Кожани и Агринио, насочена кон разбивање на организирана мрежа осомничена за злоупотреба на европски земјоделски субвенции вредни милиони евра.
Според официјалните информации од надлежните служби, во акцијата биле уапсени 13 лица кои, според досегашната истрага, незаконски обезбедиле повеќе од 2,5 милиони евра преку измами поврзани со фондови на Европската Унија наменети за земјоделски субвенции.
Истрагата ја координира Одделот за борба против економски криминал при Дирекцијата за борба против организиран криминал, а првичните сознанија укажуваат дека осомничените делувале како организирана група која користела лажни изјави, манипулации и фиктивни податоци за да дојде до финансиски средства.
Меѓу приведените, според информациите, има и управител, како и вработен во Центар за прием на барања за субвенции, додека истражните органи проверуваат вкупно 39 лица поврзани со случајот.
Од грчката полиција дополнително информираа дека, покрај сомнежите за незаконско стекнување финансиска корист, во текот на истрагата биле утврдени и можни даночни прекршоци, што дополнително го проширува обемот на предметот.
Ова е втора голема полициска акција поврзана со злоупотреба на европските земјоделски фондови во Грција во многу краток период. Само минатата седмица, во одвоени операции во Солун, Килкис, Сер, Атина и на островот Крит беа приведени 39 лица под сомнение дека незаконски присвоиле повеќе од 7 милиони евра европски средства.
Надлежните институции продолжуваат со проверките и не ја исклучуваат можноста истрагата дополнително да се прошири со нови осомничени и нови финансиски траги.






