ПРВ.мк
Свет

(ВИДЕО) ГОЛЕМА КАТАСТРОФА: Џиновско свлечиште урна згради, луѓе останаа заробени под тони земја и урнатини!

(ВИДЕО) ГОЛЕМА КАТАСТРОФА: Џиновско свлечиште урна згради, луѓе останаа заробени под тони земја и урнатини!

Голема природна катастрофа го потресе југозападниот дел на Кина, откако огромно свлечиште во округот Пенгшуј затрупа дел од станбени објекти и остави непознат број луѓе заробени под урнатините.

Според информациите од кинеските државни медиуми, свлечиштето се случило во петокот во подножјето на рид во близина на станбени згради. Земјиштето се одронило со голема брзина, при што биле урнати неколку објекти, а дел од жителите не успеале навреме да се евакуираат.

Драматичниот момент се случил за време на обидот за спасување на населението. Според кинеската државна телевизија CCTV, локален работник околу 8 часот наутро забележал паѓање на камења и веднаш ги предупредил надлежните. По предупредувањето, властите започнале евакуација на повеќе од 60 жители од погоденото подрачје.

Сепак, околу 9:08 часот, токму додека траела евакуацијата, дошло до големото лизгање на земјиштето, при што дел од луѓето биле затрупани под остатоците.

Спасувачките екипи веднаш започнале интензивна потрага по преживеани. Точниот број на лица кои останале под урнатините сè уште се утврдува, но според кинеската новинска агенција Синхуа, најмалку девет лица биле извлечени од местото на несреќата и, според првичните информации, ниту едно од нив не било во животозагрозувачка состојба.

Министерството за управување со вонредни состојби на Кина активирало втор степен на подготвеност и испратило голем број спасувачи на терен. Во акцијата учествуваат околу 100 припадници на спасувачките екипи, како и вкупно 206 пожарникари и спасувачи со 49 возила.

Снимките објавени од CCTV покажуваат застрашувачки сцени од моментот кога делови од ридот се одвојуваат и паѓаат врз станбените објекти покрај реката. На видеата се гледаат големи количини камења и земја кои се движат кон зградите, додека луѓе во паника се обидуваат да избегаат од опасната зона.

Автентичноста на една снимка објавена на платформата X ја потврди и агенцијата Ројтерс. На видеото, снимено од камера во автомобил, се гледа моментот кога дел од ридот се урива врз домови и деловни објекти, а остатоците се распрскуваат по патот, принудувајќи ги возилата и еден мотоцикл нагло да запрат.

Причината за огромното свлечиште засега не е позната. Надлежните продолжуваат со спасувачката операција и истрагата за да утврдат што довело до одронувањето на земјиштето и дали постоеле предупредувачки знаци пред несреќата.

ВИДЕО