ПРВ.мк
Свет

ВАЖНО ЗА МАКЕДОНЦИТЕ: Девет Шенген-земји го одложија строгиот систем за биометриски граници

ВАЖНО ЗА МАКЕДОНЦИТЕ: Девет Шенген-земји го одложија строгиот систем за биометриски граници

Најмалку девет земји од Шенген-зоната го одложиле целосното спроведување на Европскиот систем за влез и излез – EES, поради технички проблеми и стравувања дека строгата примена би можела да предизвика големи метежи на границите.

Според објавените информации, станува збор за Франција, Германија, Италија, Белгија, Холандија, Грција, Малта, Португалија и Швајцарија.

Како еден од главните проблеми се наведува поврзувањето на националните гранични системи со централната европска инфраструктура. Во дел од земјите наводно има случаи во кои биометриските податоци не се испраќаат правилно до централната база или граничните службеници не можат да пристапат до веќе креираните електронски досиеја.

Во такви ситуации дел од процедурата мора да се повторува на самиот граничен премин, што може значително да го забави протокот на патници.

На можните проблеми предупредиле и Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт – IATA, авиокомпании и аеродроми, посочувајќи дека целосната примена на EES без стабилна технологија и доволно персонал може да создаде сериозни оперативни тешкотии.

Што значи ова за Македонците?

EES директно ги засега и македонските државјани кои патуваат во Шенген-зоната. Системот е наменет за електронско регистрирање на патниците од земји надвор од ЕУ при краткорочни престои и вклучува податоци од патната исправа и биометриски податоци, како фотографија на лицето и отпечатоци од прсти.

Со неговата целосна примена, електронската евиденција треба да го замени традиционалното ставање печати во пасошите.

Сепак, актуелните проблеми не значат дека EES е укинат или дека македонските граѓани се ослободени од новите проверки. Деветте земји, според објавените информации, бараат поголема флексибилност и постепена примена додека не бидат решени техничките и кадровските проблеми.

Тоа значи дека македонските патници и понатаму треба да бидат подготвени за биометриска регистрација при патување во Шенген, додека начинот и интензитетот на проверките може да се разликуваат во зависност од државата и граничниот премин.