ПРВ.мк
Свет

ВАКЦИНИТЕ ПОВТОРНО ГО ДЕЛАТ НАРОДОТ: Oбвинувања за нееднаквост и закани за нов здравствен хаос!

ВАКЦИНИТЕ ПОВТОРНО ГО ДЕЛАТ НАРОДОТ: Oбвинувања за нееднаквост и закани за нов здравствен хаос!

Пет години по пандемијата на ковид-19, светот сè уште не успева да постигне договор за заеднички меѓународен систем кој би овозможил подобра координација при идни глобални здравствени кризи.

Преговорите околу таканаречениот пандемски договор на Светската здравствена организација, кој треба да ги регулира правилата за заедничко дејствување на државите во идни епидемии, се соочуваат со сериозни блокади. Причината е сè поголемото незадоволство на земјите од глобалниот југ.

Земји од Африка, Латинска Америка и делови од Азија ги обвинуваат богатите западни држави дека за време на пандемијата не покажале солидарност, туку ги монополизирале вакцините, лековите и медицинската опрема. Според нив, посиромашните држави до вакцини доаѓале доцна, во мали количини и по повисоки цени, што довело до поголем број смртни случаи и продлабочување на глобалните нееднаквости.

Поради тоа, коалиција на земји од глобалниот југ повторно го блокира напредокот на преговорите. Нивната порака е дека во иднина нема да прифатат повторување на моделот од ковид-пандемијата, каде најбогатите држави први ги обезбедија залихите на вакцини за своето население.

Предложениот договор предвидува подобра меѓународна координација при идни пандемии, побрза размена на податоци, поефикасна дистрибуција на вакцини и заеднички одговор на здравствени закани. Но клучната точка на спор останува пристапот до вакцини, технологија и правата на интелектуална сопственост.

Според анализа на „Гардијан“, западните земји во текот на преговорите делувале како договорот да е веќе однапред дефиниран, без доволно внимание на суштинското прашање – кој прв ќе добива вакцини во идни кризи и под кои услови.

Земјите од глобалниот југ бараат гаранции дека фармацевтските компании и богатите држави нема повторно да ја контролираат производството и дистрибуцијата исклучиво според пазарни интереси. Меѓу нивните барања се и пренос на технологија, привремено укинување на патентни права за време на пандемии и развој на регионални капацитети за производство на вакцини.

Од друга страна, западните држави и фармацевтската индустрија предупредуваат дека премногу ограничувања на патентите би можеле да ја загрозат иновацијата и развојот на нови лекови.

Поради овие спротивставени ставови, преговорите веќе со години се во застој, и покрај предупредувањата на експертите дека нова пандемија е прашање на време, а не на можност.

Кризата на доверба дополнително е продлабочена и од геополитичките тензии во светот, при што многу држави сметаат дека меѓународниот систем повеќе не функционира врз принцип на еднаквост, туку според економската и политичката моќ.

Доколку не се постигне договор, светот би можел да остане без заеднички план за реакција при нова пандемија, што според здравствените експерти би значело побавен одговор, хаотична распределба на ресурси и повторување на грешките од ковид-19, кој однесе милиони животи ширум светот.

Најнови вести