ПРВ.мк
Свет

УЖАСНИ СЦЕНИ ВО МЈАНМАР: Училиште погодено во воен напад, бројот на загинати расте

УЖАСНИ СЦЕНИ ВО МЈАНМАР: Училиште погодено во воен напад, бројот на загинати расте

Најмалку 30 лица загинале во напад на армијата на Мјанмар врз училиште во село под контрола на бунтовничките сили, во централната област Магвај. Меѓу жртвите, според сведоци и претставници на опозицијата, има и едно бебе, како и неколку ученици.

Според информациите што ги пренесуваат британските медиуми, нападот се случил во четвртокот, околу 15 часот по локално време, за време на верска церемонија во општината Синбаунгве. Биле погодени училиште и манастирски комплекс.

Во заедничкото соопштение на Владата на национално единство (NUG) и Привремената федерална администрација за регионот Магвај, локална бунтовничка самоуправа која ја поддржува опозицијата, се наведува дека во нападот биле употребени четири авионски бомби, 12 артилериски гранати и седум самоубиствени беспилотни летала.

Меѓу загинатите има жени и деца

Портпаролот на NUG, Неи Вон Лат, и локален сведок потврдиле дека покрај девет бунтовнички борци, животот го загубиле и повеќе од 20 цивили, меѓу кои жени и деца.

Еден од сведоците изјавил дека во моментот на бомбардирањето во областа немало активни судири. Според неговото сведоштво, бунтовничките борци само повремено поминувале низ селото.

Од друга страна, провоените канали на Телеграм објавиле дека целта на нападот била церемонија организирана по повод завршувањето на обуката и собирањето на бунтовничките сили.

Илјадници воздушни напади од 2021 година

Според евиденцијата на Владата на национално единство, од 1 февруари 2021 година до крајот на октомври 2026 година, војската на Мјанмар извршила вкупно 15.327 воздушни напади во рамките на 6.653 одделни инциденти.

Во овие напади, според истите податоци, загинале 6.467 цивили, а биле оштетени 562 училишта и 848 верски објекти.

Нападот врз училиштето се случил само една недела откако Меѓународниот суд на правдата донел пресуда поврзана со обвиненијата за геноцид врз муслиманското малцинство Рохинџа во 2017 година.

NUG и локалните привремени власти остро го осудија нападот, опишувајќи го како „неиспровоциран“ и оценувајќи дека станува збор за воено злосторство и кршење на Женевската конвенција.