Податоци што протекоа од рускиот државен завод за статистика повторно ги отворија прашањата за околностите под кои почина Евгениј Зиничев, поранешен телохранител на Владимир Путин и руски министер за вонредни ситуации.
Британските медиуми „Сан“ и „Експрес“ објавија дека смртта на рускиот генерал, кого одредени аналитичари своевремено го сметале за потенцијален наследник на Путин, во државната евиденција била заведена како самоубиство. Информацијата ја пренеле повикувајќи се на истражување на рускиот портал „Медијазона“, чии новинари анализирале податоци од базата на Федералната служба за државна статистика на Русија – Росстат.
Но, набргу следувал пресврт. Редакцијата на „Медијазона“ подоцна го коригирала својот текст и признала дека новинарите погрешно ги протолкувале податоците од документацијата.
„Претходно во насловот и текстот на веста беше наведено дека Росстат ја класифицирал смртта на Зиничев како самоубиство. Се покажа дека тоа не е точно“, соопштиле од рускиот портал.
Бројот пет, кој во една од категориите на државната евиденција означува самоубиство, во случајот на Зиничев всушност се наоѓал во друга рубрика, која се однесува на околностите на смртта.
Според исправениот извештај на „Медијазона“, смртта на поранешниот министер била заведена во категорија случаи кај кои не е утврдено со сигурност дали станува збор за несреќа, самоубиство или убиство.
Загина обидувајќи се да спаси познат руски режисер
Зиничев го загубил животот на 8 септември 2021 година, на 55-годишна возраст, за време на престојот во Краснојарскиот крај, каде што се одржувале меѓуресорски вежби посветени на заштитата на рускиот Арктик.
Според тогашното официјално соопштение на руското Министерство за вонредни ситуации, генералот загинал додека се обидувал да го спаси познатиот руски филмски режисер Александар Мелник (63).
Мелник во тој регион работел на документарен филм за Арктикот и Северниот морски пат. Во трагичниот настан животот го загубиле и двајцата.
Интересно е што во документацијата на Росстат смртта на Мелник била заведена како несреќа поврзана со извршувањето на работните обврски, додека случајот со Зиничев бил внесен во друга категорија.
Девет години бил дел од обезбедувањето на Путин
Зиничев ја започнал кариерата во советските служби за државна безбедност во 1987 година. Од 2006 до 2015 година работел во личното обезбедување на Владимир Путин.
По заминувањето од претседателското обезбедување, преминал во Федералната служба за безбедност (ФСБ), а во 2016 година накратко ја презел функцијата раководител на Калининградската област.
Потоа повторно се вратил во ФСБ, каде што бил заменик-директор, а во мај 2018 година бил именуван за министер за вонредни ситуации.
Во декември 2020 година го добил чинот армиски генерал, само девет месеци пред трагичната смрт.
По неговата загуба, Путин во телеграмата со сочувство до семејството открил колку лично го погодила трагедијата.
„За мене ова е ненадоместлива лична загуба“, порачал рускиот претседател, пренесе „Комерсант“.
На 9 септември Путин потпишал указ со кој Зиничев постхумно бил прогласен за Херој на Русија, за храброста покажана при извршувањето на службените должности.
Еден ден подоцна, рускиот претседател лично присуствувал на церемонијата на испраќање во Москва. Зиничев бил погребан на Северните гробишта во Санкт Петербург.
И покрај повторното отворање на прашањата околу неговата смрт, исправката на „Медијазона“ покажува дека податоците на Росстат не потврдуваат дека случајот бил класифициран како самоубиство.








