Цената на нафтата денеска падна на помалку од 100 долари по барел, откако американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) би можеле да ја завршат својата воена операција против Иран во рок од две до три недели. Во истата изјава, Трамп потенцираше дека Ормускиот Теснец, кој е блокиран од Исламската Република Иран, веќе не е негов проблем и дека секоја друга земја што сака нафта или гас ќе мора сама да го реши проблемот со преминот, при што директно ја спомена и Франција, пренесува Би-би-си.
Според новинските извештаи, ова е досега најјасната изјава на Трамп дека има намера наскоро да ја заврши војната која трае веќе еден месец и која предизвика хаос на Блискиот Исток, како и сериозни нарушувања на глобалните пазари на енергенси.
Како што известува Си-ен-би-си, Трамп денеска ќе има обраќање до нацијата во врска со конфликтот на Блискиот Исток, што дополнително го следат инвеститорите и пазарите ширум светот.
Во моментов, суровата нафта „брент“ се тргува по цена од 99,32 долари за барел, додека цената на американската нафта бележи пад од 4,23 проценти на 97,089 долари за барел во 9:30 часот наутро. На берзите во Европа, пак, се забележува силен раст на индексите: DAX во Франкфурт +3,02% на 23.315,72 поени, францускиот CAC 40 +2,32% на 7.998,52 поени, британскиот FTSE 100 +1,76% на 10.353,26 поени, додека московскиот MOEX пораснал за 0,21% на 2.782,03 поени.
Истовремено, европските фјучерси за гас за мај на берзата TTF во Амстердам се продадени по цена од 49,765 евра за мегават-час.
Цените на нафтата и гасот беа исклучително нестабилни изминативе недели, поради конфликтот помеѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга, што предизвика неизвесност на глобалните пазари и покачи ризикот за снабдување со енергенси. Најновата изјава на Трамп, сепак, внесува оптимизам и навестува можен крај на кризата која ги потресе светските економии.


















