Европската агенција за безбедност на воздухопловството (EASA) издаде нова препорака до авиокомпаниите од Европската Унија да не го користат воздушниот простор над Иран најмалку до 31 март, поради сериозни безбедносни ризици за цивилните летови.
Од агенцијата предупредуваат дека ситуацијата во регионот останува нестабилна, а присуството на различни видови оружје и системи за противвоздушна одбрана претставува потенцијална закана за авионите на сите височини. Дополнителен ризик создаваат и непредвидливите реакции на државите во услови на зголемени геополитички тензии.
Препораката доаѓа во чувствителен момент, кога меѓународната заедница стравува од можен колапс на разговорите меѓу Иран и САД. Според проценките, евентуален неуспех на дипломатските напори би можел да доведе до нова ескалација и дестабилизација на поширокиот регион, кој има клучно значење за светските енергетски текови.
Техеран претходно порача дека ќе одговори остро на секоја форма на напад. Иранските власти исто така предупредија дека земјите од Персискиот Залив, каде што има американско воено присуство, би можеле да се соочат со последици доколку бидат инволвирани во евентуални воени активности.
Иако препораката не претставува формална забрана, авиокомпаниите вообичаено ги следат ваквите насоки поради безбедноста на патниците и екипажот. Ситуацијата внимателно се следи, а нови одлуки ќе зависат од развојот на настаните во наредниот период.

















