Европската комисија донесе нови, строги мерки со кои конечно става крај на праксата големите компании да уништуваат непродадена облека, обувки и модни додатоци. Одлуката има јасна цел – намалување на текстилниот отпад и заштита на животната средина од непотребни емисии и загадување.
Според новите правила, големите компании ќе мора да ги применуваат мерките од 19 јули 2026 година, додека средните претпријатија ќе имаат рок до 2030 година. Наместо уништување на непродадените залихи, брендовите ќе треба да изберат алтернативи како што се препродажба, донирање, рециклирање или повторна употреба на производите.
Проценките покажуваат дека меѓу 4 и 9 проценти од непродадениот текстил во Европа секоја година се уништува, што резултира со милиони тони емисии на CO₂. Со новите мерки, ЕУ испраќа јасна порака дека времето на масовно фрлање е завршено и дека индустријата мора да премине кон поодговорен и циркуларен модел на работа.
Овој потег се смета за значаен чекор кон одржлива мода, каде профитот повеќе нема да биде оправдување за уништување на ресурси и дополнително оптоварување на планетата.

















