Неверојатна и застрашувачка сцена е забележана во Кина, каде огромна дупка се отворила сред улица и буквално „проголтала“ дел од коловозот. Работници кои се наоѓале во близина панично трчале за да се спасат, а драматичните моменти ги снимиле безбедносни камери. Видеото веќе се споделува на социјалните мрежи.
На снимките јасно се гледа како асфалтот пука и се кине како хартија, по што почнува да се отвора огромен кратер. Во воздухот се крева густа прашина, а настанува хаос на улицата. Според британскиот „Дејли мејл“, инцидентот се случил на новоизградена раскрсница во Шангај, на аголот на улиците Ќисин и Ли Ан.
Локалните власти соопштија дека, за среќа, нема жртви ниту повредени. Се претпоставува дека причина за уривањето се подземните работи за нова линија на метро, кои се изведувале во тој дел од градот.
Шангај, како и други делови од Кина, се соочува со постојан ризик од слегнување на земјиштето поради неколку фактори: меко алувијално тло, прекумерно црпење подземни води, тенки песочни слоеви и празнини создадени од интензивната урбана изградба.
Податоците од периодот 2017–2023 година покажуваат дека дури 72 проценти од појавата на вакви кратери во Кина се поврзани со човечки активности, вклучително и градежни пропусти и застарена инфраструктура.
Земјата е особено чувствителна на вакви појави бидејќи голем дел од територијата се наоѓа на таканаречен крашки терен. Подземните води постепено ги разградуваат растворливите карпи како варовник и доломит, создавајќи огромни подземни празнини и пештери кои можат ненадејно да се урнат. Обилните дождови дополнително го забрзуваат процесот, продирајќи во пукнатините и проширувајќи ги.
Кога „покривот“ на таква подземна празнина ќе стане премногу тенок, може одеднаш да попушти и да проголта патишта, згради или земјиште – сценарио што веќе неколкупати се случило.
Во 2020 година, на југозападот од Кина, се отворила огромна дупка која зафатила околу 500 квадратни метри пат и „проголтала“ 21 автомобил. Истата година, во централна Кина, во градот Ксининг, кратер се отворил на автобуска станица, при што загинале шест лица кои чекале автобус.
Стручњаците предупредуваат дека брзата урбанизација и агресивната изградба дополнително го зголемуваат ризикот од вакви драматични и опасни појави.

















