Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска најави значајни промени за паркирањето во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Според него, во иднина ќе постојат четири видови плаќање паркинг:
- Бесплатно паркирање за онколошки пациенти, кое и досега беше обезбедено.
- Паркинг за пациенти кои се лекуваат, со цена достапна за нив, но некомерцијална.
- Паркинг за вработени, со цена прилагодена за администрацијата.
- Комерцијален паркинг за граѓани кои доаѓаат по други причини или да посетат пациенти во клиничкиот комплекс.
Министерот информираше дека во план е воведување дигитален систем за резервација преку апликација, со можност за плаќање онлајн, со картичка или кеш. Дополнително, до јуни се планира изградба на катни гаражи, максимум три, на локации кај модуларната болница, Гинекологија и Хелиодромот.
Просторот на Клинички ќе биде уреден со зеленило, пешачки патеки и „брза патека“ за Брза помош. Се планира и нов влез кај Кардиологија и Кардиохирургија за итни пациенти.
„По месеци интензивна работа, конечно стигнавме до одлука со која се решава деценискиот проблем со паркирањето. Ова е дел од поширока трансформација на здравствениот систем – од хаос кон систем, од импровизација кон дигитализација, од застој кон одговорност“, истакна Алиу.
Со оваа иницијатива се овозможува модернизација и зголемување на капацитетите за паркирање за околу 50%, воведување на „паметен паркинг систем“ со сензори, камери, дигитален водич и мобилна апликација за резервации и уплати.
Министерот подвлече дека со новиот систем се создава ред, достоинство и функционален систем за сите пациенти и вработени во комплексот.

















