Француските и сенегалските власти разоткрија сериозна меѓународна криминална мрежа осомничена за тешки кривични дела врз малолетници. Според објавите на францускиот весник „Монд“, мрежата дејствувала на релација меѓу Бове, северна Франција, и градот Сали на западниот брег на Африка.
Сенегалската полиција привела 14 лица, сите државјани на Сенегал, осомничени за организирана педофилија, подведување и силување на малолетни момчиња на возраст од околу 15 години. Дел од осомничените се товарат и за намерно пренесување на ХИВ.
Истрагата ја координира француското одделение за криминалистички истраги, во соработка со сенегалските безбедносни служби. Според досегашните сознанија, групата наводно функционирала како организирана структура, при што злоупотребите биле систематски извршувани и документирани.
Четворица од приведените се опишани како лица кои имале улога на таканаречени „сексуални тренери“. Според информациите објавени во медиумите, тие признале одредени дејствија и изјавиле дека постапувале по инструкции на француски државјанин, за што добивале финансиска надомест.
Надлежните органи продолжуваат со истрагата со цел да се утврдат сите детали, евентуалната вмешаност на други лица и целосниот обем на криминалната мрежа. Случајот предизвика силни реакции во јавноста и повторно ја отвори темата за меѓународната соработка во борбата против злоупотреба на деца и организиран криминал.

















