Општина Аеродром продолжува со засилен инспекциски надзор на активните градилишта. При последната контрола, изречени се глоба од 1.000 евра за правното лице и 300 евра за одговорното лице поради прекршување на Законот за јавна чистота.
Контролата беше извршена на градилиште во близина на СУГС „Димитар Влахов“ на булевар „Трета македонска бригада“. Инспекторите утврдиле дека градежни возила излегувале на коловоз со нечисти гуми, со што била нарушена чистотата на јавните површини и предизвикано дополнително загадување.
Од Општината потенцираат дека нема да се толерира несовесно однесување и дека секое прекршување ќе биде санкционирано строго, без исклучоци. Контролите на градилишта ќе продолжат и ќе бидат дополнително интензивирани.
Особено внимание ќе се посвети на:
- почитување на мерките за заштита на животната средина,
- спречување на загадување и несоодветно одлагање отпад,
- одржување чиста и безбедна околина околу градилиштата,
- заштита на јавните површини од узурпација.
Општина Аеродром апелира до сите изведувачи и инвеститори да ги почитуваат законските обврски, нагласувајќи дека само преку дисциплина и одговорност може да се обезбеди чиста, уредна и безбедна средина за сите жители.

















