Народната банка на Србија во јануари купи најголема месечна количина злато досега – дури 577 килограми од компанијата „Србија Зиџин Копер“. Станува збор за 46 нови златни прачки наменети за зголемување на државните резерви.
Со оваа набавка, вкупните резерви на злато достигнаа рекордни 53.084 килограми на крајот на јануари, во вредност од 7,129 милијарди евра. Златото сега учествува со 24,3 проценти во бруто девизните резерви на земјата – речиси една четвртина од вкупните резерви.
Само во првиот месец од годинава, вредноста на златните резерви порасна за 933 милиони евра, главно поради растот на цената на златото на светските пазари. Според податоците на НБС, во текот на 2025 година резервите се зголемиле за околу 4,4 тони.
На крајот на 2025 година, учеството на златото во девизните резерви изнесувало 21,4 проценти, што е значително повеќе во споредба со 13,3 проценти на крајот на 2024 година.
Професорот Зоран Грубишиќ од Белградската банкарска академија објаснува дека овој тренд го следат и големите светски централни банки. Според него, во време на глобална неизвесност, златото претставува важен дел од стратегијата за управување со државните резерви и финансиска стабилност.

















