ПРВ.мк
Свет

ТРГНАЛА САМО ВО ШУМА И НИКОГАШ НЕ СЕ ВРАТИЛА: По две години пронајден језив траг!

ТРГНАЛА САМО ВО ШУМА И НИКОГАШ НЕ СЕ ВРАТИЛА: По две години пронајден језив траг!
Kristal

Човечки посмртни останки се пронајдени во близина на областа Филозоферс Фолс на западот од Тасманија, каде што во јуни 2023 година исчезна белгиската туристка Селин Кремер, потврди тасманиската полиција. Кремер имала 31 година кога последен пат била видена, на 17 јуни 2023 година, откако сама тргнала на пешачење низ шумската област во близина на Филозоферс Фолс, недалеку од планината Крејдл Маунтин.

Нејзиното исчезнување било пријавено од семејството на 26 јуни, по што била покрената обемна потрага во која учествувале полицијата, припадници на итните служби, специјализирани тимови за спасување од брзи води, како и дронови и хеликоптери, пишува „ABC“.

Нејзиниот автомобил бил пронајден на паркинг во близина на водопадите ден по пријавата за исчезнување, но и покрај повеќемесечната потрага, Селин не била пронајдена. Операцијата официјално била прекината на 10 јули 2023 година, откако експертите процениле дека поради тешките временски услови таа не можела да преживее во дивината.

Мобилниот телефон пронајден минатиот месец

До нов развој на настаните дошло за време на приватно организирана и обновена потрага во декември 2025 година, кога волонтери во густа вегетација, на околу 300 метри од пешачката патека, го пронашле нејзиниот мобилен телефон. Врз основа на новите информации за активноста на телефонот, полицијата дополнително го пребарала „подрачјето од интерес“, вклучително и со ангажирање куче за трагање по тела, но без резултат.

Најновото откритие се случило кога член на волонтерскиот тим за потрага, Џерод Бојс, пронашол човечки посмртни останки за време на пребарување на терен кој претходно не бил детално проверен.

„Бев во потрага околу два и пол часа кога налетав на остатоците. Се молев денес да се случи чудо и да пронајдам нешто. Не сум особено емотивен човек, но ова навистина ме погоди“, изјавил Бојс.

Тој објаснил дека ги фотографирал пронајдените остатоци, а потоа се искачил назад до патеката за да фати сигнал и веднаш да ја извести полицијата. Посмртните останки биле пронајдени на површината на земјата, на куп земја и камења, на околу два часа пешачење од местото каде што претходно биле пронајдени лични предмети.

Сè уште се чека потврда на идентитетот

Полицискиот инспектор Ендру Хансон потврди дека семејството на Селин Кремер во Белгија било известено за пронајдокот.

„Свесни сме колку ова може да биде вознемирувачко за нејзините најблиски. Иако сите се надеваме дека ова ќе донесе одговори, пред да се донесат какви било заклучоци неопходна е формална форензичка анализа за да се утврди дали остатоците ѝ припаѓаат на Селин“, изјави Хансон.

Тој додаде дека патолог веќе ги прегледал фотографиите и потврдил дека станува збор за човечки останки, но дека идентитетот засега не е официјално потврден. На местото на пронаоѓање се наоѓаат полициски службеници од Западниот дистрикт, како и специјализиран форензички тим.

Хансон ја истакна и посветеноста на волонтерите вклучени во потрагата.

„Волонтерот веднаш ја контактираше полицијата по пронаоѓањето. Лицето што ги лоцираше посмртните останки подолго време е активно вклучено во потрагата по Селин, а нивната истрајност, како и напорите на другите волонтерски тимови, ја одразуваат силната поддршка од заедницата во овој случај“, рече тој.

FixCredit
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo