ПРВ.мк
Свет

Тревога во соседството: Три брода цел на напади со дронови, Бугарија свика итен состанок за безбедност

Тревога во соседството: Три брода цел на напади со дронови, Бугарија свика итен состанок за безбедност

Бугарските власти пријавија нови напади со беспилотни летала врз бродови во Црното Море, во близина на територијалните води на земјата, по што беше свикан итен состанок на владиниот Совет за безбедност.

Премиерот Румен Радев соопшти дека еден од нападнатите бродови потонал на околу 17 наутички милји источно од Крапец, додека еден член на екипажот бил спасен.

Претходно, околу 1:30 часот по полноќ, бил примен повик за помош од брод што се наоѓал 18 наутички милји источно од Бјала.

Според информациите доставени до спасувачкиот центар во Варна, бродот „Челзи 3“, кој пловел под знамето на Малта, бил погоден од три воздушни дронови.

Бугарските спасувачки екипи евакуирале 15 членови на екипажот, меѓу кои седум украински и осум азербејџански државјани.

Петмина морнари добиле медицинска помош поради полесни повреди.

Бугарските власти ги известиле своите претставници во НАТО и Европската Унија, а премиерот Радев најавил разговор со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Софија бара меѓународна помош за да се утврди потеклото на дроновите и да се зајакне надзорот врз воздушниот и поморскиот простор.

Радев нагласил дека засега нема цврсти докази за тоа кој ги извршил нападите, иако оценил дека последиците од нив одат во прилог на Русија.

Бугарскиот премиер најавил и разговор со руската амбасадорка Елеонора Митрофанова, додека истрагата за инцидентите продолжува.