Од 15 ноември 2026 година во Македонија започнува законската обврска за поседување зимска опрема во возилата, поради што возачите треба навреме да ги подготват автомобилите за зимските услови.
За непочитување на оваа обврска предвидена е парична казна од 45 евра во денарска противвредност или 25 негативни бодови.
За патничките автомобили со најголема дозволена маса до 3.500 килограми, прописите предвидуваат зимски гуми на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарата од четири милиметри.
Како алтернатива, дозволени се и летни гуми со најмалку четири милиметри длабочина на шарата, но задолжително со соодветни синџири за снег за погонските тркала.
За возилата со погон на сите четири тркала (4х4) важат построги услови. Зимските гуми мора да имаат шара длабока најмалку шест милиметри.
Доколку се користат летни гуми со минимална шара од четири милиметри, неопходно е поседување синџири за снег, во зависност од видот на погонот.
Кај возилата потешки од 3.500 килограми, зимските гуми мора да имаат длабочина на шарата од најмалку шест милиметри, додека алтернативата е користење летни гуми со соодветни синџири.
Автобусите и товарните возила кај кои не е можно поставување синџири мора да имаат зимски гуми на погонските тркала и прирачен алат.
Законската обврска за зимска опрема важи од 15 ноември до 15 март, а возачите се повикуваат навреме да ја проверат состојбата на гумите и потребната опрема.
Правилната подготовка на возилото не е важна само за избегнување казна, туку и за поголема безбедност во сообраќајот при ниски температури, снег и мраз.







