Бремените жени во Македонија се соочуваат со сериозни проблеми на работното место, а дел од нив остануваат без работа веднаш откако ќе го известат работодавачот дека очекуваат дете.
На ова предупреди претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Душан Томчиќ, во гостување на Македонската радио-телевизија.
Во првите девет месеци од 2026 година до Комисијата пристигнале 318 претставки, од кои околу 30 проценти се однесуваат на дискриминација на работното место.
Особено загрижувачка е практиката на прекинување или непродолжување договори на определено време на работнички кои соопштиле дека се бремени.
Според Томчиќ, во одредени случаи работодавачите веднаш ангажираат друго лице за истото работно место.
Поради ваквите злоупотреби, Комисијата во март доставила препораки до Владата и Собранието за измени на Законот за работните односи.
Се предлага вработувањето на определено време да биде исклучок, а не правило, како и дополнително да се зајакне заштитата на работничките по породилно отсуство.
Комисијата предупредува и на сексуално вознемирување во образовните институции.
Истражување спроведено меѓу 1.057 вработени во 26 училишта покажало дека 5,5 проценти од испитаниците доживеале навредливи сексуални коментари или шеги.
Забележани се и случаи на несакани допири, уцени и закани, но до Комисијата биле доставени само две пријави.
За 2027 година се најавени две информативни кампањи, преку кои граѓаните ќе се запознаат со начините за препознавање и пријавување дискриминација и сексуално вознемирување.







