Напнатост и страв во Вашингтон по вооружен инцидент што се случи само неколку улици од Белата куќа, каде двајца припадници на Националната гарда беа застрелани додека биле на должност. Американскиот претседател Доналд Трамп веднаш реагираше со остар тон, нарекувајќи го напаѓачот „животно“ и предупредувајќи дека ќе „плати висока цена“ за нападот врз војската.
Трамп преку TruthSocial порача дека молитвите се со припадниците на Националната гарда, кои биле пренесени во две различни болници по размената на оган. Според неговите зборови, напаѓачот исто така е сериозно повреден, но тоа „нема да го спаси од последиците“.
Инцидентот се случил во центарот на Вашингтон, недалеку од најчуваниот комплекс во САД. Според оперативни извори, војниците возвратиле оган пред да бидат погодени, по што осомничениот бил совладан, уапсен и на носилка однесен од местото на настанот.
Полицијата на Вашингтон соопшти дека ситуацијата е под целосна контрола и дека нема опасност за јавноста. Жителите сепак беа предупредени да ја одбегнуваат областа додека трае истрагата.
















