ПРВ.мк
Свет

ТРАМП СО ОСТРИ ОБВИНУВАЊА: Гласањето во САД е „корумпирано“

ТРАМП СО ОСТРИ ОБВИНУВАЊА: Гласањето во САД е „корумпирано“

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска излезе со остри критики за начинот на кој се спроведува и обработува гласањето во САД. Тој оцени дека американскиот изборен систем е „корумпиран“, посочувајќи ја брзината со која во Бразил се објавуваат изборните резултати како пример за споредба.

Трамп во објава на социјалната мрежа Truth наведе дека на првиот круг од претседателските избори во Бразил гласале 125 милиони граѓани, а резултатите биле објавени на истиот ден, кратко по затворањето на гласачките места.

„Во првиот круг од претседателските избори во Бразил гласаа 125 милиони граѓани. Резултатите беа објавени кратко по затворањето на гласачките места – на истиот ден! Во Детроит, Филаделфија, Калифорнија и бројни други американски градови и федерални држави, за да се утврдат резултатите, со значително помал број гласови, честопати се потребни недели за да се „поправат“, односно да се пресметаат. Гласањето во Америка е корумпирано“, напиша Трамп.

Во својата објава тој ги спореди процедурите во САД со изборниот процес во Бразил, каде што резултатите од првиот круг биле соопштени во релативно краток период по завршувањето на гласањето.

На претседателските избори во Бразил, десничарскиот кандидат Флавио Болсонаро и поранешниот левичарски претседател Луис Инасио Лула да Силва обезбедија пласман во вториот круг.

Вишиот изборен суд на Бразил (TSE) потврди дека ќе има втор круг откако биле обработени 96,78 проценти од гласачките кутии. Во тој момент Болсонаро имал 47,39 проценти од гласовите, додека Лула освоил 44,74 проценти.

Вториот круг од претседателските избори во Бразил е закажан за 25 октомври.