Претседателот на САД, Доналд Трамп, синоќа изјави дека е можно да се испратат американски војници во Нигерија или да се извршат воздушни напади за да се спречи убивањето на голем број христијани во земјата.
Одговарајќи на новинарско прашање дали предвидува војници на терен или воздушни напади, Трамп истакна: „Може да биде“.
– Мислам, други работи. Замислувам многу работи. Тие убиваат рекорден број христијани во Нигерија. Тие убиваат христијани и тоа во голем број. Нема да дозволиме тоа да се случи, посочи Трамп.
Неговата закана уследи откако администрацијата на Трамп повторно ја вклучи Нигерија на листата на „земји кои предизвикуваат особена загриженост“ поради кршење на верските слободи. На истата листа се и Кина, Мјанмар, Северна Кореја, Русија и Пакистан.
Нигерија соопшти дека ќе ја прифати помошта од САД за борба против исламистичките бунтовници, се додека се почитува нејзиниот територијален интегритет. – Ја поздравуваме помошта од САД сè додека таа го признава нашиот територијален интегритет, изјави Даниел Бвала, советник на нигерискиот претседател Боле Тинубу.
Нигерија има над 237 милиони жители, поделени на околу 200 етнички групи. Северниот дел на земјата е претежно муслимански, додека на југ живеат христијани. Исламистичките бунтовници како Боко Харам предизвикуваат хаос повеќе од 15 години, убивајќи илјадници, иако мнозинството жртви се муслимани.
















