Американскиот претседател Доналд Трамп вчера ја прими бустер дозата од вакцината против Ковид-19, како и вакцина против грип, при редовниот здравствен преглед во Националниот воено-медицински центар „Волтер Рид“, објави 4NEWS.mk.
Во меморандумот од неговиот доктор, Шон П. Барбарела, се наведува дека Трамп е во одлична здравствена состојба, со силни кардиоваскуларни, пулмонални, невролошки и физички перформанси. Посебно беше истакнато дека „возраста на срцето“ на претседателот е приближно 14 години помлада од неговата хронолошка возраст.
Оваа проценка била направена со електрокардиограм, кој ја мери електричната активност на срцето, во комбинација со напредни анализи и вештачка интелигенција. Докторот посочи дека лабораториските резултати на Трамп се „извонредни“ и дека тој се наоѓа во „тековен план за одржување на здравјето“.
Прегледот беше направен како подготовка за претстојното патување на Трамп на Блискиот Исток, каде што треба да учествува во дипломатски напори за стабилизација на регионот.
Трамп, кој има 79 години, минатото лето беше дијагностициран со хронична венска инсуфициенција, состојба која не е опасна по живот, но предизвикува собирање крв во нозете и може да предизвика оток и болка.
Инаку, достапноста на вакцините против Ковид во САД е намалена, со новите упатства од Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), кои препорачуваат вакцинирање само за лица над 65 години и хронично болни, по консултација со здравствени работници. Оваа промена дојде по реорганизацијата на советодавниот панел за вакцини, кој минатата година беше заменет од страна на министерот за здравство Роберт Ф. Кенеди помладиот.