Денеска беа објавени нови економски податоци кои фрлаат сериозна сенка врз состојбата на американската економија. Според официјалните извештаи, бруто-домашниот производ (БДП) во првиот квартал од 2025 година забележал пад од 0,3%, додека индексот на доверба кај потрошувачите драматично опаднал за 32% само во април.
Овие резултати веднаш ги поттикнаа реакциите од американскиот претседател Доналд Трамп, кој вината ја насочи кон својот претходник, Џо Бајден. Преку објава на својата социјална мрежа Truth Social, Трамп напиша:
„Ова е берзата на Бајден, а не на Трамп. Јас ја презедов функцијата дури на 20 јануари.“
Тој додаде дека новите царини што треба да стапат во сила ќе помогнат да се врати производството назад во САД.
„Нашата економија ќе експлодира – но најпрво мора да се ослободиме од штетата што ни ја остави Бајден. Ова ќе бара време, но не се царините виновни, туку катастрофалната стартна точка што ја наследивме. Штом економијата почне да закрепнува, тоа ќе биде нешто што досега не сте го виделе. Само бидете трпеливи“, изјави Трамп.
Меѓутоа, економските експерти не се толку оптимистични. Тие предупредуваат дека токму најавата за нови царини веќе има негативен ефект врз економската активност – како психолошки, така и реално на терен. Според нив, дополнителна нестабилност може да предизвика самото спроведување на овие мерки, чија примена Трамп веќе ја одложи на 90 дена, почнувајќи од 9 април.
Доколку САД забележат уште еден квартал со негативен економски раст, официјално ќе влезат во техничка рецесија. Аналитичарите стравуваат дека воведувањето нови трговски бариери може само да го влоши тоа сценарио.