Трамп: Израел ќе биде на чело на можен воен напад врз Иран ако не се запре нуклеарната програма.
Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека Израел ќе биде предводник во можен воен напад врз Иран, доколку Техеран не ја прекине својата нуклеарна програма.
Оваа изјава доаѓа непосредно пред најавените разговори помеѓу претставници на САД и Иран, кои треба да се одржат за време на викендот во Оман, пренесува агенцијата Асошиејтед прес.
Трамп претходно оваа недела најави дека разговорите ќе бидат „директни“, додека иранската страна ги нарече „индиректни преговори со САД“.
Според извештајот на АП, САД сè повеќе се загрижени за напредокот на Иран во развојот на функционално нуклеарно оружје.
Да потсетиме, во 2015 година Иран и светските сили постигнаа сеопфатен нуклеарен договор, со кој Иран се согласи да го ограничи збогатувањето на ураниум во замена за олеснување на економските санкции.
Сепак, во 2018 година, Трамп еднострано ги повлече САД од договорот, нарекувајќи го „најлошиот договор во историјата“.