Русија официјално ги отвора вратите за соработка со Талибанците
По две децении во кои ги третираше како терористичка организација, Русија денес направи драматичен пресврт – официјално ја укина забраната за Талибанците. Одлуката ја донесе Врховниот суд, со што практично се отвора пат за нормализација на односите со авганистанското раководство, кое е на власт од 2021 година.
Иако ниту една земја сè уште не ја признава владата на Талибанците, Москва веќе извесен период ја гради оваа нова стратегија – соработка со некогашните непријатели, сега во име на заедничката борба против тероризмот. Владимир Путин веќе минатата година го најави овој курс, нарекувајќи ги Талибанците „сојузници против заканите од екстремизам“.
Русија ваквиот чекор го оправдува со растечката безбедносна закана од радикални исламски групи што делуваат низ Авганистан, Средниот Исток и Централна Азија. Особено по нападот во март 2024 година, кога милитанти убија 145 лица во концертна сала кај Москва – напад за кој одговорноста ја презеде Исламската држава.
Американските разузнавачи укажаа дека нападот го извела авганистанската ќелија на Исламска држава – позната како ИСИС-К (Корасан). Талибанците, пак, тврдат дека активно работат на искоренување на оваа група од територијата на Авганистан.
Но, патот до меѓународно признавање за нив не е ни малку лесен. Западните земји и понатаму се остро критички расположени, особено поради ограничувањата што ги наметнаа врз жените. Девојчињата и жените во Авганистан се соочуваат со забрани за средно и високо образование, како и строги правила за движење без машки старател.
И покрај ова, Русија очигледно одлучи дека моментот бара прагматизам наместо идеологија – и ја отвора нова страница во својата авганистанска политика.