Украина и САД подготвени за потпишување Меморандум за редки минерали
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска во Киев изјави дека Украина и САД би можеле уште денес да потпишат Меморандум за намери во врска со идниот договор за соработка во областа на ретките минерали.
– Пред неколку дена, американската страна предложи да направиме еден чекор наназад и да започнеме со Меморандум за намери. Нашите намери се позитивни, и затоа може да биде потпишан онлајн уште денес. Нашата страна рече „во ред“. Знам дека потпретседателката на Владата работи на финалниот текст. Овој меморандум е важен прв чекор, па зошто двете земји да не се согласат? – истакна Зеленски на прес-конференција, пренесе Ukrinform.
Тој додаде дека техничките состаноци со САД се одвивале и онлајн и офлајн, при што состаноците биле продуктивни и позитивни.
– Тимовите работеа и вчера и денес. Нашата потпретседателка на Владата соработува директно со тимот на Скот Бесент (американски министер за финансии) – рече Зеленски.
Според него, веќе се работи на содржината на сериозен меѓудржавен договор, кој ќе треба да биде разгледан во украинскиот парламент и да помине низ сите неопходни процедури.
– Правните тимови имаат задача да осигураат дека договорот ќе биде успешен за двете страни. Затоа сметаме дека состаноците се охрабрувачки – додаде тој.
Премиерот на Украина, Денис Шмигал, денеска соопшти дека специјална техничка работна група ќе отпатува во САД оваа недела за да продолжи со преговорите за договорот за редките минерали. Тој посочи дека Киев веќе го добил првиот нацрт на договорот од американската страна.
– Работната група ќе замине најдоцна до утре и ќе ги продолжи техничките разговори со тимот на американското Министерство за финансии за да се дефинираат техничките услови на договорот – изјави Шмигал, додавајќи дека Украина ќе продолжи да бара најдобро можно решение.