Во тешка сообраќајна несреќа што се случила денеска околу 20:15 часот во Карловац, животот го загубиле две лица, а три се повредени, соопшти Секторот за внатрешни работи Карловац. Несреќата се случила на обиколницата кај Турањ, при судир на четири патнички возила. Повредените се пренесени со возила на Итната медицинска помош во здравствена установа, каде им се укажува лекарска помош.
„На ден 18.04.2025 година, околу 20:15 часот, во Карловац („Обиколница Турањска“) се случила сообраќајна незгода помеѓу четири патнички возила, во која две лица загинале, а три лица со возила на ХМП се пренесени во здравствена установа за укажување лекарска помош. Сообраќајот на обиколницата е затворен, а трасата Д1 се пренасочува низ областа Турањ. Во тек е увид на лице место од страна на заменик сообраќаен полицаец“, се наведува во официјалното соопштение.
Неофицијално, меѓу загинатите е и Никола Покривац (39), поранешен хрватски репрезентативец и играч на Динамо Загреб, кој кон крајот на својата кариера настапуваше за четвртолигашот НК Војниќ.
„Бевме заедно по тренинг, разговаравме за сè, вклучително и за тоа како ја надмина тешката болест. Отидов дома и потоа ја дознав страшната вест. Во тој автомобил беа четворица наши играчи, Никола почина, тројца се повредени, а лекарите се борат за животот на двајца од нив“, изјави низ солзи Небојша Андриќ, претседател на општина Војниќ.
Вториот загинат во несреќата се наоѓал во друго возило.