Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, упати велигденска честитка до сограѓаните, пријателите и сите христијани, истакнувајќи ја симболиката на празникот како победа на љубовта, добрината и животот.
„Овој ден не потсетува дека и покрај сите предизвици, повторно доаѓа светлина, која значи нов почеток“, порача Коњановски, нагласувајќи ги вредностите што, според него, треба да не обединуваат како општество: добрината, хуманоста и чесноста.
Во честитката тој повика на меѓусебно почитување, негување на традицијата и создавање на подобра иднина за идните генерации. Со желби за здравје, радост и семејна хармонија, Коњановски им го честита Велигден на сите граѓани.
„Со широки срца да ја примиме веста за Воскресението Христово… која ќе донесе спокој во нашите домови и ќе продолжи со силата на верата да не води напред“, стои во пораката на градоначалникот.
Тој ја заврши честитката со традиционалниот поздрав: „Христос Воскресе! Навистина Воскресе!“.