Трамп: Не планирам да ги укинувам царините кон Кина, но можеби ќе ги намалам во иднина
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека не планира да ги укине царините на кинеските производи како начин да го натера Пекинг да седне за преговарачка маса. Трамп нагласи дека иако ситуацијата за Кина е тешка, нема да дозволи Пекинг да заработи милијарди долари кои би му помогнале да изгради воена инфраструктура.
„Кина е целосно уништена. Нивните фабрики се затвораат, нивната невработеност расте до небо. Не сакам да го правам тоа со Кина, но истовремено не сакам да им дозволам да заработат стотици милијарди долари и да изградат повеќе бродови, тенкови и авиони“, изјави Трамп.
Претседателот на САД призна дека високите царини довеле до скоро целосен застој во трговијата со Кина, но нагласи дека во иднина ќе ги намали тие царини, бидејќи, како што рече, Кина многу сака да продолжи со бизнисот.
„Во некое време ќе ги намалам царините, бидејќи ако не го направиме тоа, нема да можеме да работиме со нив. Нивната економија се руши и тие многу сакаат да работат“, додаде Трамп.
Трамп исто така потврди дека големи компании како Епл, Тојота, Хонда, Генерал Моторс и Стелантис, се обврзале да ги преместат своите фабрики во САД.
Одговарајќи на прашање за можната рецесија, Трамп не ја исклучи како можност, но беше уверен дека американската економија ќе се врати на раст. „Се може да се случи, но мислам дека ќе имаме најголема економија во историјата на нашата земја. Ќе имаме најголем економски бум“, заклучи претседателот.