На 6 мај се слави Ѓурѓовден – празникот на пролетта, животот и Свети Георгиј Победоносец
Во вторник, на 6 мај, православните верници го одбележуваат еден од најголемите христијански празници – Ѓурѓовден, посветен на Свети великомаченик Георгиј Победоносец. Овој ден е симбол на обновувањето на природата и животот, и традиционално се смета за почеток на летната половина од годината.
Ѓурѓовден секогаш се празнува на ист датум – 6 мај според Грегоријанскиот, односно 23 април според Јулијанскиот календар. Свети Георгиј, во чија чест се слави овој ден, бил роден во Кападокија во побожна и богата христијанска фамилија. Неговиот татко загинал како маченик за Христовата вера, а мајка му подоцна се преселила во Палестина.
Овој празник е длабоко вкоренет во народната традиција. Се слави како граничник меѓу зимата и летото и се поврзува со здравјето на луѓето, плодноста на добитокот, бериќетот на нивите и успешната женидба. Во многу краишта, ноќта спроти Ѓурѓовден се собираат зелени гранчиња и билки од природата, од кои се плетат венци што потоа се ставаат на вратите, прозорците и портите – со верување дека ќе донесат здравје и бериќет во домот.
Утрото на Ѓурѓовден се одвиваат обреди со вода и билки – домаќинките претходно ги потопуваат цвеќињата и билките во вода, со која потоа се мијат децата за здравје, старите за виталност, а и целото семејство, како симболичен благослов.
Се верува дека на овој ден не треба да се спие долго – според народното верување, оние што ќе преспијат на Ѓурѓовден ќе ги боли глава цела година. Во селата традиционално се палеле огнови, со цел да се избркаат злите сили.
Постои и верување дека ако времето е ведро на Ѓурѓовден – годината ќе биде плодна, а ако врне – ќе биде сушна.
Многумина веруваат во чудесната сила на Свети Георгиј и и денес му се молат и го повикуваат во моменти на тешкотии. Тој се смета за заштитник кој со љубов кон Христа ги напуштил сите световни богатства и добил небесна слава и сила да помага на верниците.
Покрај Ѓурѓовден, македонскиот народ одбележува уште два празника поврзани со св. Георгиј: Ѓурѓиц – на 16 ноември (3 ноември стариот календар), кога е обновен храмот во Лида, и Св. Ѓорѓи – Посен, кој се празнува на 9 декември (26 ноември, с.с.).
На овој ден именден слават многу луѓе: Ѓорѓи, Ѓурѓа, Ѓоре, Ѓуро и други.